Во потрага по сопствен стан…

208

Фото: Pixabay

Купувањето стан претставува одлука на којашто ѝ претходат голем број подготовки… од избор на локација, вид и квалитет на градба, детална анализа на тоа што го нуди пазарот на недвижнини, па сè до начинот на којшто ќе се финансира купувањето.

Затоа, доколку сте во фаза кога го одбирате својот дом, земете ги предвид овие неколку важни совети…

Каде е сместен станот?

Локацијата на станот игра мошне важна улога при конечниот избор. За некого е важно да е во централното градско подрачје, други сакаат да биде на периферија од градот, на трети им е важна близина на автобуска станица, аеродром, училиште, градинка, амбуланта… Поради тоа, добро размислете која е локацијата во градот што идеално би се вклопила во вашиот начин на живот. Тоа ќе ви го олесни изборот на населбата и местоположбата на станот.

Квалитетна градба на станот

За да го одберете вашиот дом од соништата не треба да бидете градежен инженер или архитект, но сепак треба да направите проценка дали станува збор за квалитетна градба. Побарајте од инвеститорот или изведувачот спецификација на материјали што се користени при градба. Доколку купувате стан во постара градба, обидете се од претходниот сопственик да дознаете за цврстината на градбата. Фасадата, иако го дава ликот на објектот, таа во голема мера влијае и на неговата енергетска ефикасност, а ќе биде важна и за сметките за електрична енергија. Тоа значи дека добро изведена фасада, во текот на летните месеци нема да дозволи преголем продор на топол воздух во домот, а за време на зимските месеци ќе спречи неконтролирана загуба на топлина од домот. Исто така, важен елемент е материјалот од којшто се изработени ѕидовите (внатрешни, преградни, надворешни…) и столаријата, односно прозорците и вратите. Доколку изведувачот поставил квалитетни прозорци и врати, тоа ќе значи поголема енергетска ефикасност и звучна изолација на станот.

Каков распоред има станот

Распоредот на просториите во домот е важен сегмент при донесување одлука дали да се купи или не одреден стан. Ја отсликува функционалноста на просторот, можност да се реорганизираат соби, да се стават нови или да се турнат веќе постоечки прегради, доколку тоа е дозволено. Нелогичниот распоред (долг ходник, несоодветна димензија на собите, недоволно искористување на просторот, мал продор на надворешна светлина…) може да ве одврати да го купите станот, иако можеби се наоѓа на идеална локација.

Основни елементи на станот

Изборот на бои на ѕидовите, плакари, мебел… најчесто се финеси во уредување на просторот со цел да се остави сопствен печат. Но, за да се дојде до таа фаза, бидете внимателни околу тоа како и на кој начин е изведена инсталацијата за вода и струја, керамиката што е поставена во тоалетите, каков е подот, дали се рамни ѕидовите, дали мерките одговараат на вашите потреби…