Во потрага по вистинскиот маж на годината

29

Драги мажи, дали денес се сетивте да ги изненадите вашите блиски од женскиот пол? Дали денес е еден од ретките денови кога го правите ова? Доколку тоа не е така, БРАВО! Навистина ова е за поздрав и поддршка! Јасно е дека повеќето од нас поради наметнатото брзо темпо на живеење речиси и да не посветуваме внимание на вакви мали гестови, манири, вредности и код на однесување.

Во ова динамично секојдневие, “М Магазин“, првиот машки магазин во Македонија, го најавува своето “првенче“ кое ги прославува и поттикнува овие вредности кај “посилниот“ пол. Во организација на Машки магазин, на 15 март, 2019 година (петок), ќе се одржи настанот “Маж на годината“, кој за своја цел има оддавање на признание на сите мажи кои со своето искуство, знаење, манири и животен стил се и треба да бидат инспирација за сите нас.

Настанот е поддржан од Сигма накит, С-Лизинг, Сити Фешн, а мисијата на организаторите е да ги пронајдат вистинските мажи во нашата земја, во различни категории. За секоја од категориите, оценки и признанија ќе дава жири комисија составена од еминентни и јавни личности.

“Задоволство ни е да го најавиме првиот официјален настан – Маж на Годината, кој ќе оддаде признание на успешните мажи од нашата држава. Селектираме мажи кои практикуваат здрав начин на живот, ги почитуваат и ги поттикнуваат семејните вредности и инспирираат нови генерации со своето искуство и успешност во она што го работат. Ова не е само уште еден избор за мажи кои ги препознаваме сите. Ова е вистинска потрага по она како навистина треба да изгледа вистинскиот маж. Маж кој е за пример во заедницата, во домот, помеѓу колегите и пријателите. Време е да се потсетиме како навистина треба сите ние да изгледаме и да пронајдеме инспирација од нашите ‘домашни’ примери. А токму е ова е идејата за креирањето на настанот Маж на годината. Да ги издвоиме сите оние кои се пример, да ги поздравиме и да ги мотивираме и во иднина да продолжат да бидат мотив за сите нас“, изјави Виктор Кошевалиски, главен уредник на Машки Магазин и организатор на настанот.