Во првиот квартал е забележан раст на продажбата на нови автомобили во ЕУ

22

Во Европската унија, продажбата на новорегистрирани автомобили е зголемена за 4,4 отсто во првиот квартал во однос на истиот период лани. Продадени се 2.768.639 автомобили.

Во јануари растот на продажбата беше 12,1 отсто, во февруари 10,1 отсто, а потоа во март имаше пад на продажбата на нови автомобили во ЕУ од 5,2 отсто. Пад на продажбата е забележан на сите поголеми пазари во ЕУ. Во Германија -6,2 отсто, во Шпанија -4,7 отсто, во Италија -3,7 отсто, во Франција -1,5 отсто, што се објаснува со неработните денови поради Велигден според Грегоријанскиот календар.

Во првите три месеци од годинава во ЕУ се продадени 332.999 електрични возила наспроти 320.948 лани, што е раст од 3,8 отсто. Највисок квартален раст е забележан во Кипар (77,5 отсто), Словачка (50,9 отсто), Белгија (49,6 отсто), Унгарија (38,6 отсто) и Франција (23,1 отсто).

Автомобилите кои користат бензин како гориво се продадени во првите три месеци од годинава за еден процент помалку отколку во истиот период пред една година. Годинава се продадени 980.477 бензински автомобили, а лани 990.214. Дизелите сè уште брзо исчезнуваат од европските патишта. Падот за три месеци оваа година е 10,6 отсто бидејќи се продадени 355.352 дизели наспроти 397.655 во првите три месеци од 2023 година.

Фото: Freepik