Во секторот каде најмногу се заработува во Германија слободни 40.000 работни места

56

Германската банкарска индустрија објави речиси 40.000 слободни работни места во првиот квартал од оваа година.

Ова не само што е повеќе од истиот период лани, туку претставува и контра движење на целата економија во која е намален бројот на отворени работни места. Недостигот од квалификувани работници очигледно има големо влијание врз финансискиот сектор.

Бројот на јавно објавени позиции од банки, кредитни институции и штедилници во Германија изнесува 39.846 во првиот квартал од 2024 година, што е зголемување од 4 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Ова го покажува истражувањето на берлинскиот специјалист за пазарот на персоналот Index Group, пренесуваат германските медиуми. Во економијата во целина, пак, бројот на јавно објавени работни места е намален за 9 отсто, покажуваат податоците, пренесува магазинот Феникс.

Најмногу слободни работни места во Франкфурт
„Во однос на понудите за работа, Франкфурт ја оправда својата репутација како германска финансиска престолнина. Во главниот град имаше повеќе од 4.200 јавно огласени работни места во првиот квартал од оваа година, а потоа следат Берлин и Минхен со околу 2.700 и 2.500 понуди во финансискиот сектор“, објасни раководителот на Index Group.

Заедно со Дизелдорф, Хамбург и Штутгарт, истражувањето покажува уште три градови каде што повеќе од 1.000 работни места во банкарската индустрија биле јавно објавени меѓу јануари и март.

Очекувано, најмногу слободни работни места во индустријата низ Германија имало во финансиите и сметководството со околу 16.600 работни места.

Продажбата и дистрибуцијата се на второ место со околу 7.400 вработувања. А на трето место е областа на организација и управување со проекти со околу 4.300 вработувања.

Германските банки бараат и бројни млади таленти
Покрај работници со професионално искуство, германските банки бараат и бројни млади таленти. Податоците  покажуваат дека околу четвртина од 40.000 јавно објавени позиции биле за млади професионалци, специјализанти, практиканти и студенти.

Највисоки плати во финансискиот сектор
Многу е важно да се нагласи дека во Германија највисоките плати се токму во банкарскиот и финансискиот сектор.

Како вработен во банка може да очекувате просечна годишна плата од 41.800 евра и месечна плата од 3.483 евра. Тоа одговара на саатница од 21,77 евра. Платите на раководните позиции се многу повисоки и достигнуваат и до 10.000 евра.