Во септември годинава просечната каматна стапка на вкупните кредити 4,46 отсто

20

Во септември 2021 година просечната каматна стапка на вкупните кредити оствари месечен и годишен пад од 0,03, односно 0,24 процентни поени и изнесува 4,46 отсто. Кај просечната каматна стапка на вкупните депозити е забележан минимален месечен пад од 0,01 процентни поени и изнесува 0,78 проценти, додека на годишна основа оваа каматна стапка е намалена за 0,20 процентни поени.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во септември бележи раст од 0,25 процентни поени на месечна основа и изнесува 4,03 отсто. На годишна основа, каматната стапка на новоодобрените кредити е зголемена за 0,04 процентни поени. Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 0,85 проценти и оствари месечен и годишен раст од 0,35, односно 0,09 процентни поени.

Во септември, просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор изнесува 3,58 отсто и забележа месечен пад од 0,02 процентни поени. Притоа, промената на месечно ниво се должи на пониските каматни стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,04 и 0,03 процентни поени) и пониските каматни стапки на кредитите во странска валута (за 0,02 процентни поени). Анализирано на годишна основа, просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор е намалена за 0,22 процентни поени.

Овој месец, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор забележа месечен раст од 0,40 процентни поени и изнесува 3,63 проценти. Нагорната промена во најголем дел се должи на зголемените каматни стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 1,74 процентни поени), при остварен раст и на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,15 процентни поени) и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,03 процентни поени). Во споредба со септември претходната година, оваа каматна стапка бележи пад од 0,19 процентни поени.

Во септември, каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор изнесува 1,08 отсто и бележи минимален месечен пад од 0,01 процентни поени. Месечната промена целосно се должи на намалените каматни стапки на депозитите во странска валута (за 0,05 процентни поени), во услови кога каматните стапки на денарските депозити со и без валутна клаузула бележат минимален раст (за 0,01 процентни поени, соодветно). На годишна основа, кај каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е забележан пад од 0,06 процентни поени.

Kаматната стапка на новопримените депозити7 на корпоративниот сектор изнесува 0,62 отсто и е зголемена за 0,16 процентни поени на месечна основа. Притоа, растот во целост е резултат на повисоките каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,24 процентни поени), додека каматните стапки на депозитите во странска валута и денарските депозити со валутна клаузула бележат пад (за 0,27 и 0,09 процентни поени). Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор е намалена за 0,12 процентни поени на годишна основа.

Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата, во септември, изнесува 5,24 отсто и на месечно ниво е намалена за 0,04 процентни поени. Месечниот пад е резултат на намалувањето кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,05 процентни поени), каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула и кредитите во странска валута (за 0,03 процентни поени). На годишна основа, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е намалена за 0,29 процентни поени. Во септември, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е зголемена за 0,19 процентни поени во споредба со претходниот месец и изнесува 4,61 отсто. Нагорната промена е резултат на повисоките каматни стапки на кредитите во странска валута (за 0,48 процентни поени) и денарските кредити без валутна клаузула (за 0,42 процентни поени), додека каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула бележат пад (за 0,04 процентни поени). Анализирано на годишна основа, оваа каматна стапка бележи зголемување за 0,10 процентни поени.

Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата бележи минимален месечен пад од 0,01 процентен поен и изнесува 0,74 отсто. Промената во целост се должи на намалените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,03 процентни поени), во услови на непроменети каматни стапки на денарските депозити со валутна клаузула и минимален раст на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,01 процентни поени). Кај каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата е забележан пад од 0,22 процентни поени во споредба со истиот месец претходната година.

Во септември, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е зголемена за 0,41 процентни поени на месечно ниво и изнесува 0,94 отсто. Притоа, нагорната промена во најголем дел се должи на повисоките каматни стапки на депозитите во странска валута (за 0,66 процентни поени), во услови на раст и на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,03 процентни поени). Овој месец, кај банките и штедилниците не се евидентирани новопримени денарски депозити со валутна клаузула. Анализирано на годишно ниво, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е зголемена за 0,16 процентни поени.