Во Србија основан прв приватен инвестициски фонд за стартапи

40

fond

Во Србија е отворен првиот приватен фонд ICT Hub Venture за инвестирање во технолошки компании во рана фаза на развој.

Фондот ќе понуди инвестиции до 30.000 евра на ИТ компании во рана фаза на развој во замена за учество во сопственост, а ќе им овозможи влез во заедницата на технолошките компании и старт – ап екосистемот, поврзување со клучни учесници во бизнисот и менторство, пишува Блиц.

“Желбата е основачите на Фондот да им овозможат на домашните и регионалните технолошки компании во најрана фаза на развој да добијат не само финансии, туку и поддршка на тимот којшто ги разбира нивните потреби, предизвици и пазарите на коишто ги пласираат своите решенија. Преку личен пристап, скроен по мера на секој тим, Фондот ќе го збогати процесот на развој на компаниите и ќе овозможи брз и квалитетен раст“, вели Коста Андриќ, директор на ICT Hub Venture.

Планот на фондот е во наредните 24 месеци да инвестира во 20 старт – ап компании со изразени технолошки компоненти и потенцијал за раст.

ИТ индустријата со години е најбрзо растечка економска гранка во Србија. Само во ИТ услугите годишниот извоз во 2015 година се зголеми за половина милијарда евра, а се очекува во наредните две години да надмине милијарда евра.

Седум бизнисмени од Србија, Славко Андрејиќ, Стеван Радак, Илија Шетка, Драгољуб Васиќ, Слободан Ѓиновиќ, Дејан Ранѓиќ и Мирко Хиниќ, инвестираа свои пари во фондот и ќе станат косопственици на удел од пет до 15% во стартапите.