Во Свети Николе и Штип ќе се брендираат руралните бизниси

31

Брендирање на руралните бизниси со цел задржување на младите во руралните области е новиот проект кој се имплементира од страна на здружението за развој, претприемништво и претприемачко учење Марвел-АДЕЕЛ во партнерство со компанијата C Communication од Скопје и Општина Свети Николе.

Проектот се реализира во микро-регионот Свети Николе – Штип и е проект финансиран од страна на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) преку програмата за Поддршка на Социјално Претприемништво за Млади (Youth Social Entrepreneurship Support Programme).

Главната цел на проектот е да се зголеми бројот на претприемачки бизниси во Свети Николе и Штип преку идентификација на руралните традиционални бизниси и вештини за обработка на предмети со највисок потенцијал и нивно претворање во профитабилни компании.

Развојот на руралните традиционални бизниси во претприемнички бизниси ќе им овозможи на младите луѓе подобри и поголеми шанси за препознавање на вистинската професија и продолжување на својот живот во својата општина.

Со активностите предвидени во проектот директно ќе се влијае на невработеноста кај младите, како еден од најголемите социјални проблеми во руралните области.

Другата цел на проектот е да се влијае на намалување на економската стапка на миграција на младите луѓе во овој регион и нивна преселба во поголемите градови во Македонија или заминување во странство.

Во рамките на проектот предвидено е имплементирање на повеќе активности, вклучувајќи и организирање на обука на теми како што се маркетинг и промоција на мали, рурални бизниси; е-маркетинг и промоција преку социјалните мрежи, продажни техники на традиционални производи; како и обука за брендирање на традиционалните производи.

Во овие обуки предвидено е да се вклучат сопствениците на традиционалните бизниси од микро-регионот, лица кои знаат традиционални техники на производство на предмети, членови на нивните потесни семејства – потенцијални наследници на нивните бизниси и млади лица кои имаат желба да усвојат традиционални вештини на производство или да се занимаваат со нивна промоција и продажба.