Во услови на изобилие од храна се утврдуваат прекини во дистрибуцијата за време на пандемија

54

Во Европа и Централна Азија, како и на глобално ниво, раните индикации предвидуваат скоро рекордно производство на пченица и ниво на залихи во 2020 година. Сепак, се појавија логистички нарушувања како резултат на мерките за ублажување на пандемијата КОВИД-19, кои наметнаа предизвици во дистрибуцијата на храна и земјоделското производство во некои земји.

Сето ова е дел од новата публикација на ФАО (Организација за храна и земјоделство на Обединетите Нации – Food and agriculture organization) Регионална состојба на пазарите на храна и билтен за политики како одговор на пандемијата КОВИД-19, којашто го разгледува регионот на Европа и Централна Азија.

Публикацијата дава преглед на политиките за извоз на најголемите регионални извозници на храна во услови на пандемијата КОВИД-19, вклучително Казахстан, Руската Федерација, Украина и Евроазиската економска комисија. Исто така, се осврнува на националните политики насочени кон ублажување на влијанието на пандемијата на пазарите со храна и осигурување на доволно домашни количини и стабилност на пазарот на храна. Некои од овие политики кои државите ги преземаат, меѓу кои и Република Северна Македонија, вклучуваат ослободување на земјоделците од ограничувањата за движење за извршување на земјоделските активности на нивните земјоделски површини, контрола врз цените на основните прехранбени производи, веб алатки за олеснување на трговијата на домашни земјоделски производи, дополнителна финансиска поддршка за најпогодените земјоделски сектори, зелени коридори итн.

Во краткиот билтен за политики се дава убедлива проценка на пазарите за храна во регионот: Тие се добро снабдени со главните прехранбени производи и имаат поволни услови за производство на главните култури како пченица. Во исто време, публикацијата ги посочува негативните влијанија од тековната здравствена криза КОВИД-19 врз транспортот, складирањето, продажбата, финансиите и достапноста на суровини во секторот храна и земјоделство.

“Собравме информации од земјите, честопати директно од пазарните актери и земјоделците преку прашалници“, вели авторот на извештајот Ченг Фанг, економист на ФАО за Европа и Централна Азија.

Вредносниот синџир за риба е најпогоден во целина, а потоа млекото и млечните производи, сточарството, зрнестата храна и мешунките. Билтенот за политики ги охрабрува владите да преземат корективни мерки со кои ќе се ограничат долгогодишните последици и дава конкретни препораки за тоа.

Земјоделците што продаваат на влажни пазари, добавувачи на суровини за фармите и транспортните услуги се меѓу најпогодените. Производителите на храна, исто така, се соочуваат со недостаток на простор за складирање на своите производи, а крајните рокови на храната станаа грижа. Дополнително, продажбата опадна на двата краја на синџирот на снабдување, при што потрошувачите купуваат помалку храна, а добавувачите на инпути и суровини се соочуваат со раст на цените на увезените производи. Ова може да има ефекти врз земјоделците затекнати во средина.

Оттука, ФАО ги советува владите итно да развијат механизми за олеснување на проблемите со готовина со кои ќе се соочат земјоделците во тековната сезона на сеидба.

За потрошувачите, цените на храната на многу земјоделски производи останаа генерално стабилни во земјите од регионот, како Киргистан и Руската Федерација. Сепак, цените пораснаа во некои земји. Во Таџикистан, во споредба со истиот период претходната година, цените се зголемија за повеќе од 135 проценти за свежиот кромид, скоро 100 проценти за компирите. Цените на житарките, месото и млечните производи се зголемија за околу 20 проценти.

На меѓународно ниво, цените на пченицата – најзначајната култура во целиот регион – се главно стабилни во 2020 година. Сепак, интензивната трговска активност и загриженоста за пандемијата КОВИД-19 ја зголемија нејзината цена во април во земјите извознички Казахстан, Руската Федерација и Украина.

“Видовме многу мали земјоделци кои избегнуваат ризик при планирање на следната сезона на сеидба, половина од анкетираните земјоделци споменаа проблеми со достапноста на добиточна храна, ѓубрива и пестициди“, додава Фанг.

Оттука, врз основа на резултатите од истражувањето, се препорачуваат следниве итни политики: подобрување на здравствената заштита и мобилноста за земјоделците, превозниците на храна и работниците во прехранбената индустрија; обезбедување достапност на суровини за земјоделските култури за претстојната сезона и во сточарското производство со овозможување на пристап до „зелените коридори“; проценка на капацитетите за ладно складирање; и минимизирање на загубите и отпадот на храна преку програми за социјална заштита. Покрај тоа, финансиската стабилност на земјоделците треба да се опфати преку нови шеми за кредитни гаранции (за оперативни трошоци) и земјоделски субвенции.

Владите имаат за цел да обезбедат доволно залихи за домашните потрошувачи и да избегнат зголемување на цените на главните производи како одговор на пазарните шокови и неизвесноста предизвикани од пандемијата КОВИД-19. Затоа, главните извозници во регионот – Казахстан, Руската Федерација и Украина – воведоа и прилагодени извозни политики за пченица и главни прехранбени производи, додека многу земји увозници на агро-производи спроведоа нови политика.

“Идните билтени за политики се планира да обезбедуваат навремени информации на заедниците и владите за динамичната состојба на пазарот и влијанијата врз политиките, за да се помогне за навремено и соодветно дејствување со цел минимизирање на влијанието на КОВИД-19 врз пазарите и безбедноста на храната“, истакнува Владимир Ракхманин, Помошник генерален директор и Регионален претставник на ФАО.

Фото: Pixabay