Во земјава има 27.711 компании со жени управители кои создаваат приход од близу 230 милијарди денари и вработуваат околу 122 илјади работници

88

Согласно податоците на даночната управа во земјава има 104.507 активни даночни обврзници правни лица регистрирани во сите региони во државата, од кои 27.711 се со жени управители, Сите заедно согласно поднесените даночни биланси обезбедуваат приход во вредност од близу 230 милијарди денари и обезбедуваат работни места и плати за 121.693 работници. Сите овие компании ги развиваат регионите каде што работат, успешно не претставуваат на домашните и на светските пазари и континуирано придонесуваат во раст на БДП.
Ова го истакна директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревскa, на отворањето на вториот Самит за женско претприемништво насловен „Инспиративна иднина“ што се одржува денеска и утре во рамки на Националната платформа за женско претприемништво, проект кофинансиран од ЕУ.

„Лично верувам дека фактот што сме жени е бенефиција затоа што имаме природен талент од едно да направиме две. Да бидеме организатор на домот на семејството и токму овие природни дарби треба да ги искористиме и насочиме кон градење на родово перспективна иднина со цел подобрување на економската состојба на жените“, рече Лукаревска.
Таа нагласи дека жени претприемачи низ целата држава успешно менаџираат микро, мали и средни претпријатија во областа на финансиите, услужните дејности, медицината, модниот дизајн, но ги има и во градежништвото и транспортот и логистиката. Тоа се, вели, професионални менаџерки кои знаат како се игра во борбата за нов пазар, маката за создавање нов производ и не се плаши, а и многу добро знае што треба за да постигне и повеќе.

“Преку инклузија со жени претприемачки, државата, граѓанските организации, коморите, Платформата за женско претприемништво да придонесеме во унапредување на вештините знаењето и да го јакнеме женското претприемништво. Верувам дека имаме потенцијал и можност да создадеме амбиент за подобрување на позицијата на жената претприемач“, рече Лукаревска која ги повика жените претприемачки да ги користат мерките и поволности за развој на женското претприемништво.