Волcтрит: Индексите паѓаат, се чека говорот на Пауел

Волстрит тргуваше претпазливо во понеделник, додека инвеститорите ги чекаат резултатите од малопродажните синџири и состанокот на централните банкари во Џексон Хоул, како и случувањата поврзани со војната меѓу Русија и Украина.

Дау Џонс изгуби 0,08 проценти, на 44.911 поени, а S&P 500 изгуби 0,01 процент, на 6.449 поени. Индексот Nasdaq, од друга страна, зајакна за 0,03 проценти, на 21.629 поени.

Инвеститорите беа претпазливи вчера, следејќи ги случувањата по состанокот меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин за Украина минатиот петок во Алјаска.

Во понеделник, Трамп разговараше во Вашингтон со украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на Европската унија за предлозите за мир.

Инвеститорите ќе бидат во фокусот оваа недела на традиционалниот годишен состанок на централните банкари во Џексон Хоул, каде што ќе зборува и претседателот на американската централна банка, Џером Пауел.

Не се очекува Пауел отворено да објави намалување на каматните стапки на ФЕД во септември, но инвеститорите се надеваат дека тој ќе се осврне на слабоста на американскиот пазар на труд, што би било сигнал дека се подготвува намалување на цената на парите.

Пазарот проценува дека постои 85 проценти веројатност ФЕД да ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени на состанокот на 17 септември.

Дополнително, инвеститорите се претпазливи пред објавувањето на кварталните деловни резултати од најголемите малопродажни синџири во САД, како што се Волмарт, Хоум Депо и Таргет, кои ќе покажат дали американската потрошувачка останува силна.

„Беше мирен ден додека инвеститорите се подготвуваат за претстојните вести. Главен настан на неделата ќе биде говорот на Џером Пауел, кој ќе покаже како претседателот на ФЕД ја гледа ситуацијата во економијата каде што инфлацијата останува висока, додека невработеноста се чини дека расте“, рече Џед Елерброк, менаџер за портфолио во Арџент Капитал.

Вчера се тргуваше претпазливо и на европските берзи. Лондонскиот индекс FTSE зајакна за 0,21 проценти, на 9.157 поени, додека франкфуртскиот DAX се лизна за 0,18 проценти, на 24.314 поени, а парискиот CAC за 0,50 проценти, на 7.884 поени.