Германскиот автомобилски гигант Volkswagen објави дека ќе повлече речиси 26.000 возила во Австралија, поради потенцијални проблеми со менувачот на брзини.
Повлечени ќе бидат автомобили од моделите golf, jetta, passat, polo и caddy произведени во периодот меѓу јуни 2008 и септември 2011 година.
Повлекувањето се однесува точно за 25.928 возила опремени со седумстепенски менувач (DQ200) со двојна спојка (DSG) откако сопствениците се пожалиле на грешки во преносот и моторите коишто предизвикале губење на моќноста.
Минатиот месец компанијата повлече околу 91.000 возила во Јапонија, наведувајќи ги потенцијалните проблеми со менувачот, што веќе предизвика и повлекувања на возила и во Кина. Проблемите се случуваат поради топлата и влажна клима, екстремното запри-тргни возење и загадувањата карактеристични за некои азиски градови.
Во меѓувреме австралиската влада истражува извештаи за проблеми со губењето на силата кај автомобилите на Volkswagen, а во истрагата е вклучена и смртта на жена којашто загинала кога камион удрил во нејзиниот golf со рачен менувач во 2011 година.
Компанијата Volkswagen Australia истакнува дека механичките проблеми не влијаат на автомобилите кои сега се произведуваат и се продаваат.
Според австралиските медиуми контактирани се стотици сопственици на автомобили кои имале проблеми со возилата на германскиот производител.
Компанијата претходно соопшти дека високотехнолошките DSG автоматските менувачи, кои се користат во автомобилите продавани во Австралија, се произведени во Европа и не бараат повлекување на автомобилите.