
На Волстрит вчера паднаа берзанските индекси, губејќи дел од минатонеделните добивки, бидејќи немаше вести кои ќе го поддржат натамошниот раст на цените на акциите.
Dow Jones загуби 0,59 отсто и падна на 33.562 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,20 отсто, на 4.273 поени, а индексот Nasdaq 0,09 отсто, на 13.229 поени.
Минатата недела индексот силно се зголеми бидејќи, според извештајот на американскиот пазар на труд, инвеститорите заклучиле дека притисокот врз растот на платите, а со тоа и врз инфлацијата, се намалува, што може да доведе до пауза од страна на ФЕД во процесот на зголемување каматни стапки.
На пазарот на пари во моментов се проценува дека има околу 80 отсто шанси челниците на американската централна банка да ги остават каматните стапки непроменети на состанокот во јуни. Дотолку повеќе што другите извештаи покажуваат дека растот на најголемата светска економија забавува.
„Лошите вести се добри вести за каматните стапки. Лошите вести кои укажуваат на слабеење на економијата се всушност добри за пазарот бидејќи тоа значи дека инфлаторните притисоци се намалуваат и дека ФЕД може да паузира по долгата серија на зголемувања на каматните стапки, изјави Тим Гриски, стратег во Ingalls & Snyder.
Сепак, бидејќи инфлацијата сè уште не се намалува доволно брзо, повеќето аналитичари веруваат дека ФЕД, по евентуалната пауза во јуни, повторно ќе ги зголеми каматните стапки во јули. Затоа, на берзата се тргува внимателно, додека се чекаат нови вести кои би можеле да ги потврдат или побијат актуелните тези.
Од 11 најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите вчера паднаа во седум од нив, најмногу во индустрискиот сектор за 0,7 отсто и во енергетскиот сектор за 0,6 отсто.
Цените на акциите вчера благо паднаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,10 отсто, на 7.599 поени, додека франкфуртски DAX се намали за 0,54 отсто, на 15.963 поени, а париски CAC за 0,96 отсто, на 7.200 поени.











