
На Волстрит во четвртокот, по три дена пад, порасна S&P 500, како и индексот Nasdaq, што е главно благодарение на корекцијата на цените на акциите на технолошките гиганти.
Dow Jones загуби 0,01 отсто, на 33.946 поени, додека S&P 500 зајакна 0,37 отсто, на 4.381 поен, а индексот Nasdaq 0,95 отсто, на 13.630 поени.
По три дена пад, S&P 500 и Nasdaq индексот вчера пораснаа, најмногу благодарение на растот на цените на акциите на технолошките гиганти како Amazon.com, Apple и Microsoft.
„Пазарот верува дека ФЕД уште еднаш ќе ги зголеми каматните стапки“
Но, тргувањето беше претпазливо бидејќи во извештајот до Конгресот за економската ситуација, претседателот на американската централна банка Џером Пауел повтори дека каматните стапки веројатно ќе треба дополнително да се зголемат за да се потисне инфлацијата.
„Пазарот верува дека ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки уште еднаш, а не двапати, како што најавија неодамнешните прогнози на лидерите на централната банка. Пауел повтори дека зголемувањето на каматните стапки ќе зависи од идните економски показатели, а Волстрит очекува инфлацијата да опадне побрзо и невработеноста да се зголеми пред ФЕД да го очекува тоа“, објаснува Сем Стовал, стратег во CFRA Research.
Економскиот раст забавува, што ќе ја притисне корпоративната заработка, додека ФЕД сигнализира натамошни зголемувања на каматните стапки оваа година бидејќи инфлацијата сè уште е далеку над целните нивоа.











