Цените на акциите вчера пораснаа на Волстрит, но тргувањето беше претпазливо бидејќи по силниот скок на берзанските индекси минатата недела, инвеститорите чекаат нови коментари од првиот човек на централната банка.
Dow Jones зајакна 0,10 отсто, на 34.095 поени, додека S&P 500 порасна за 0,18 отсто, на 4.365 поени, а индексот Nasdaq 0,30 отсто, на 13.518 поени.
Благодарение на уверувањето на инвеститорите дека американската централна банка го заврши циклусот на зголемување на каматните стапки, минатата недела берзанските индекси забележаа најголем неделен раст за една година. S&P 500 минатата недела скокна за 5,85 отсто, а индексот Nasdaq за 6,6 отсто, што е најмногу од ноември минатата година.
На пазарот се шпекулира кога ќе започне циклусот на намалување на каматите
Цените на акциите силно пораснаа и на другите најголеми берзи во светот. Инвеститорите веруваат дека централните банки на западните земји завршиле со затегнување на монетарната политика бидејќи инфлаторните притисоци постепено се намалуваат.
Затоа, сега на пазарот се шпекулира кога ќе започне циклусот на намалување на каматите. Така, пазарот на пари проценува дека е 90 отсто сигурно дека американската ФЕД завршила со зголемувањето на каматните стапки и дека има 86 отсто шанси првото намалување на каматните стапки да следи веќе во јуни следната година.
Се проценува дека Европската централна банка (ЕЦБ) би можела да почне со намалување на каматните стапки веќе во април, а британската во август следната година.
Сепак, тоа ќе зависи од понатамошниот развој на инфлацијата и економијата, а за тоа ќе разговараат голем број лидери на ФЕД оваа недела, вклучувајќи го и претседателот на централната банка Џером Пауел. Исто така, најавени се јавни настапи на повеќе функционери на ЕЦБ и британската централна банка (БОЕ).
Повеќе од една година, движењата на пазарот најмногу зависеа од шпекулациите за тоа кога централните банки ќе го завршат циклусот на зголемување на каматните стапки и на кое ниво на камати ќе заврши тој циклус. Во иднина, пак, најмногу ќе се шпекулира на кои нивоа и во кој период ќе се намалуваат каматите.
Пазарот е поддржан и од деловните резултати на компаниите. Досега, повеќе од 400 компании од индексот S&P 500 објавија деловни извештаи за третиот квартал, при што околу 82 отсто од нив постигнале повисоки профити од очекувањата на аналитичарите.
Внимателно вчера се тргуваше и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,03 отсто, на 7.417 поени, додека франкфуртски DAX ослабе за 0,35 отсто, на 15.135 поени, а париски CAC за 0,48 отсто, на 7.013 поени.