
На Волстрит цените на акциите денеска остро паднаа, по предупредувањето на Nvidia за огромните трошоци од трговската војна и пораката од претседателот на ФЕД Џером Пауел дека економскиот раст забавува.
Индексот Dow Jones се лизна за 1,73 отсто, на 39.669 поени, додека S&P 500 потона за 2,24 отсто, на 5.275 поени, а индексот Nasdaq за 3,07 отсто, на 16.307 поени.
Меѓу најголемите губитници, со пад од речиси 7 отсто, беа акциите на Nvidia, откако производителот на чипови објави дека американските ограничувања за продажба на одредени чипови на Кина и други земји ќе ја чинат околу 5,5 милијарди долари.
Поради ова паднаа и цените на акциите на уште неколку производители на чипови, па индексот на тој сектор вчера беше најголем губитник со пад од 4 отсто.
„Компаниите почнуваат да известуваат за влијанието на тарифната војна, а тоа ја поттикнува неизвесноста“, рече Бил Нортеј, директор на У.С.
Пауел најави повисока инфлација и побавен раст на американската економија
А дека има причини за несигурност, потврди и претседателот на американската централна банка, Пауел, кој на собирот на економисти рече дека повисоките од очекуваните царини веројатно ќе значат повисока инфлација и побавен економски раст.
Банката на федерални резерви, истакна Пауел, ќе чека повеќе економски податоци пред да преземе мерки за каматните стапки.
Како резултат на тоа, исчезнаа надежите на инвеститорите дека централната банка наскоро би можела да ги намали каматните стапки и со тоа да го поддржи растот на економијата и пазарот на капитал.
„Пауел го потврди она за што се загрижени инвеститорите, а тоа е дека поради тарифната војна, економскиот раст веројатно ќе се забави и инфлацијата ќе остане висока“, вели Сем Стовал, стратег во CFRA Research.
И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера благо пораснаа. Лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,32 отсто, на 8.275 поени, а франкфуртски DAX за 0,27 отсто, на 21.311 поени. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,07 отсто, на 7.329 поени.