Волстрит останува под притисок на технолошкиот сектор

23

На Волстрит, S&P 500 и Nasdaq паднаа втор ден по ред во четвртокот, бидејќи технолошкиот сектор остана под притисок, додека Dow Jones зајакна со солидни економски податоци.

Индексот Dow Jones зајакна 0,20 отсто, на 39.935 поени, додека S&P 500 падна за 0,51 отсто, на 5.399 поени, а Nasdaq 0,93 отсто, на 17.181 поени. S&P 500 и Nasdaq останаа под притисок бидејќи послабите од очекуваните приходи од технолошките гиганти Tesla и Alphabet ги загрижија инвеститорите во средата.

И додека вчера цената на Tesla малку закрепна од остриот пад од претходниот ден, акциите на Alphabet паднаа за нови 3 отсто.

Цените на акциите на тие, како и на другите технолошки гиганти од групата т.н „Величествените седум“ силно пораснаа во последните месеци, благодарение на надежите на инвеститорите дека ќе постигнат силен раст на приходите и заработката. Според тоа, секој послаб резултат може да предизвика остар пад на цените на тие акции.

И додека цените на акциите на Apple, Microsoft и Amazon.com се стабилизираа, цените на Meta Platforms и Nvidia вчера паднаа за дополнителни 1,7 и 2,4 отсто.

Од друга страна, пазарот го поддржаа подобри од очекуваните економски показатели. Вчера беше објавено дека американскиот бруто домашен производ (БДП) пораснал за 2,8 отсто на годишно ниво во вториот квартал, додека аналитичарите очекувале зголемување од 2 отсто.

Овој податок покажува дека најголемата светска економија е многу отпорна и веројатно ќе избегне рецесија и покрај зголемените каматни стапки.