Волстрит остро падна пред одлуката на ФЕД

34

На Волстрит во вторникот берзанските индекси остро паднаа бидејќи инвеститорите се неизвесни пред одлуките и пораките на американската централна банка за каматните стапки, инфлацијата и економскиот раст.
Dow Jones се лизна за 1,01 отсто, на 30.706 поени, додека S&P 500 падна за 1,13 отсто, на 3.855 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,95 отсто, на 11.425 поени.

Остриот пад на цените на акциите е последица на неизвесноста на инвеститорите во пресрет на одлуките и пораките на челниците на централната банка од дводневната седница, која завршува денеска.

Повеќето аналитичари очекуваат дека ФЕД повторно ќе ги зголеми клучните каматни стапки, трет пат по ред, за 0,75 процентни поени, но откако минатонеделните податоци покажаа дека инфлацијата во САД е повисока од очекуваната во август, се шпекулира дека ФЕД би може да ги зголеми каматните стапки за цел процентен поен.

На оваа седница, ФЕД ќе ги ажурира и своите проекции за инфлацијата, невработеноста, економскиот раст и движењето на каматните стапки.

Инвеститорите вчера ги загрижи и фактот што одобренијата за градба за куќи паднаа за 10 отсто, на 1,517 милиони, што е најниско ниво од јуни 2020 година, што укажува на слабеење на градежната активност.

Акциите на Форд вчера беа меѓу најголемите губитници, со пад на цената од над 12 отсто.

Производителот на автомобили објави дека високата инфлација ќе го чини околу 1 милијарда долари и дека ја одложи испораката на некои возила во четвртиот квартал поради недостиг на делови.

„Покрај неизвесноста за инфлацијата и каматните стапки, пазарот сега е неизвесен бидејќи компаниите известуваат за притисоци кои сигурно ќе ги намалат нивните маржи. Затоа, можеме да очекуваме намалување на проценките за деловните резултати на компанијата во третиот квартал“, вели Грег Бутл, директор во банката BNP Paribas.

Сепак, инвеститорите најмногу се плашат дека инфлацијата би можела да остане на високи нивоа подолго од очекуваното, што би го принудило ФЕД да ја заостри монетарната политика и во следната година.

А тоа може да ја доведе економијата во подлабока рецесија. Технички, американската економија веќе западна во рецесија, имајќи предвид дека во последните два квартали паѓа на квартална основа, но засега оваа рецесија е плитка.

И на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонски FTSE индексот ослабе за 0,61 отсто, на 7.192 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,03 отсто, на 12.670 поени, а париски CAC за 1,35 отсто, на 5.979 поени.