Волстрит падна

55

На Волстрит, цените на акциите паднаа во вторник, најмногу во секторот на производители на чипови, што е последица на притисокот врз акциите на Nvidia пред објавувањето на нејзините квартални деловни резултати.

Dow Jones загуби 0,17 отсто, на 38.563 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,60 отсто, на 4.975 поени, а индексот Nasdaq загуби 0,92 отсто, на 15.630 поени.

Се чекаат кварталните резултати на Nvidia
Бидејќи во понеделникот немаше работа во САД поради празникот, во вторник започна работната недела со пад на индексот. Цените на акциите најмногу паднаа, во просек за 1,6 отсто, во секторот производители на чипови, што најмногу е последица на падот на цената на Nvidia за 4,3 отсто.

Таа акција е под притисок бидејќи во среда, по затворањето на пазарот, Nvidia ќе ги објави кварталните деловни резултати, кои ќе покажат дали силниот раст на вредноста на компанијата во текот на изминатата година, за речиси три пати, е оправдан.

Благодарение, имено, на еуфоријата околу развојот на вештачката интелигенција, цената на акциите на Nvidia го предводеше растот на технолошкиот сектор во тој период, па Nvidia стана трета американска компанија по пазарна вредност.

Додека технолошкиот сектор вчера беше под притисок, цените на акциите во трговскиот сектор пораснаа во просек за 1,1 отсто. Тоа главно се должи на порастот на цената на акциите на Walmart на рекордни нивоа, откако трговецот ги подобри проценките за оперативните резултати за тековната фискална година и ја зголеми годишната дивиденда за девет проценти.

По силниот раст на почетокот на годината, Волстрит се тргува претпазливо во последните неколку недели бидејќи сѐ уште високата инфлација ги намали надежите дека американската централна банка агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година.

И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,12 отсто, на 7.719 поени, а франкфуртски DAX за 0,14 отсто, на 17.068 поени. Парискиот CAC зајакна, пак, за 0,34 отсто, на 7.795 поени.