Волстрит падна четврти ден по ред

62

На Волстрит, берзанските индекси во четвртокот паднаа четврти ден по ред, што најмногу е резултат на новиот притисок врз неколку регионални банки.

Dow Jones загуби 0,86 отсто, на 33.127 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,72 отсто, на 4.061 поен, а индексот Nasdaq 0,49 отсто, на 11.966 поени.

Најмногу вчера падна цената на акцијата на PacWest Bancorp, за повеќе од 50 отсто, по веста дека менаџментот размислува за стратешки опции, вклучително и продажба, со оглед на влошената финансиска состојба.

Нагло падна и цената на акцијата на Western Alliance Bancorp, речиси 40 отсто, иако таа банка ја демантираше веста дека бара потенцијален купувач.

Ова го потресе целиот сектор, кој е под притисок од март кога пропаднаа две регионални банки, па индексот KBW на регионалните банки вчера падна за 3,5 отсто.

„Регионалните банки и заострувањето на кредитните услови вршат притисок врз пазарот. Инвеститорите се обидуваат да откријат до каде сме во однос на кредитниот циклус и стандардите за кредитирање и кога може да дојде до рецесија“, вели Же Шен, директор во TIFF Investment Management.

Освен во регионалните банки, инвеститорите се внимателни затоа што во средата американската централна банка повторно ги зголеми клучните каматни стапки, 10-та сесија по ред, за дополнителни 0,25 процентни поени, во опсег од 5 до 5,25 отсто.

Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи, откако Европската централна банка ги зголеми клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени.

Лондонски FTSE индекс се намали за 1,10 отсто, на 7.702 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,51 отсто, на 15.734 поени, а париски CAC 0,85 отсто, на 7.340 поени.