
На Волстрит Dow Jones и S&P 500 паднаа од рекордни нивоа, бидејќи по пораките на претседателот на американската централна банка Џером Пауел стивнаа шпекулациите за намалување на каматните стапки веќе во март.
Dow Jones загуби 0,71 отсто, на 38.380 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,32 отсто, на 4.942 поени, а индексот Nasdaq 0,20 отсто, на 15.597 поени.
Пазарот долго време е поддржан од надежта на инвеститорите дека ФЕД ќе почне да ги намалува каматните стапки веќе во март годинава, иако челниците на централната банка повторуваат дека е рано за тоа.
Изјави на шефот на американската централна банка
Во неделата навечер, претседателот на ФЕД Пауел во интервју рече дека централната банка ќе биде претпазлива при намалувањето на каматните стапки и дека веројатно ќе биде со многу побавно темпо отколку што очекува пазарот. По тие изјави стивнаа шпекулациите за намалување на каматите во март.
Дотолку повеќе што податоците објавени во петокот покажаа дека во САД бројот на вработени во јануари се зголемил значително повеќе од очекуваното, а неочекувано се зголемиле и платите. Тоа значи дека потрошувачката, а со тоа и инфлаторните притисоци, ќе продолжат да се зголемуваат.
„Пауел истури ладна вода на пазарот, ја отстрани секоја можност за намалување на каматните стапки во март. На инвеститорите им е тешко да одлучат што понатаму кога имате високи каматни стапки, но и силен економски раст“, вели Џек Аблин, директор во Cresset Capital.
Инфлацијата сè уште е силна
Низата неодамнешни податоци покажуваат дека економијата сè уште бележи значителен раст и покрај високите каматни стапки, што е позитивно и укажува дека ќе се избегне рецесија.
Сепак, додека не се забави растот на потрошувачката и економијата, инфлаторните притисоци ќе останат силни, што значи дека ФЕД нема да ги намали каматните стапки. Во фокусот на инвеститорите се и кварталните деловни резултати на компаниите.
Досега повеќе од 200 компании од индексот S&P 500 пријавиле за својот бизнис во последниот квартал од минатата година, при што околу 80 отсто од нив ги надминале очекувањата на аналитичарите во однос на заработката.
И на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонски FTSE индексот ослабе за 0,04 отсто, на 7.612 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,08 отсто, на 16.904 поени, а париски CAC 0,03 отсто, на 7.589 поени.











