Волстрит падна, инвеститорите загрижени за можното зголемување на каматните стапки

59

Цените на акциите паднаа на Волстрит во вторникот, по променливото тргување и новите економски показатели кои не ги променија очекувањата за зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка.
Dow Jones загуби 0,55 отсто, на 31.145 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,41 отсто, на 3.908 поени, а индексот Nasdaq загуби 0,74 отсто, на 11.544 поени.

На првиот ден од тргувањето во новата недела, по празникот во понеделник, на пазарот владееше неизвесност, а инвеститорите беа фокусирани на нови економски показатели.

Според нив, активноста во услужниот сектор во САД зајакнала во август втор месец по ред, благодарение на силниот раст на нарачките и вработеноста, додека како што се подобрувала состојбата во синџирите на снабдување, притисокот врз цените се намалува.

Подобрите од очекуваните показатели од услужниот сектор ги поддржаа очекувањата дека ФЕД ќе продолжи агресивно да ги зголемува каматните стапки за да ја спречи инфлацијата.

„ФЕД ни кажува дека неговите понатамошни потези ќе зависат од економските показатели, така што не можеме само да гледаме што сугерираат тие показатели, туку и што значат тоа за ФЕД“, вели Керол Шлајф, директорка во семејната канцеларија на БМО.

Инвеститорите не сакаат поризични инвестиции бидејќи американската централна банка ја заострува монетарната политика од март за да ја ограничи инфлацијата, која е на највисоко ниво во повеќе од 40 години.

Затоа и во септември се очекува агресивно зголемување на каматите.

Според проценките на пазарот на пари, има околу 70 отсто шанси ФЕД да ги зголеми каматните стапки за 0,75 процентни поени во септември. Исто така, се проценува дека до март следната година тие би можеле да изнесуваат 3,99 отсто.

Инвеститорите се загрижени и за енергетската криза, која може да ја доведе економијата на еврозоната во рецесија, како и „затворањата“ во Кина поради ковид-19, што дополнително може да го забави растот на втората по големина светска економија.

„Добар дел од неизвесноста на пазарот се должи на настаните во странство“, вели Шон Круз, стратег во TD Ameritrade.

Поради сето ова, на почетокот на септември продолжи надолниот тренд на пазарот, кој започна на крајот на август, кога коментарите на шефот на ФЕД предизвикаа стравувања од агресивно зголемување на каматните стапки.

Од почетокот на годината, S&P 500 падна за речиси 18 отсто, а Nasdaq индексот е намален за повеќе од 26 отсто.

И на европските берзи вчера поскапеа акциите. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,18 отсто, на 7.300 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,87 отсто, на 12.871 поен, а париски CAC 0,19 отсто, на 6.104 поени.