Волстрит падна на првиот работен ден од новата година

29

На Волстрит вчера, првиот работен ден од новата година, значително паднаа S&P 500 и Nasdaq индексот, што најмногу е последица на наглиот пад на цените на акциите на технолошките гиганти Тесла и Епл. Dow Jones загуби 0,03 отсто, на 33.136 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,40 отсто, на 3.824 поени, а индексот Nasdaq 0,76 отсто, на 10.386 поени.

Слабиот почеток на годината на најголемата светска берза во голема мера е резултат на падот на цената на акциите на Tesla за 12 отсто, откако производителот на електрични автомобили објави испораки пониски од очекуваните во последниот квартал од минатата година.

Притисокот врз S&P 500 и Nasdaq индексот е исто така последица на падот на цената на акциите на Apple од 3,7 отсто, по извештаите во азиските медиуми за слабата побарувачка за iPhone-и и намалувањето на производството во Кина. Значително паднаа и цените на акциите во енергетскиот сектор, во просек за 3,6 отсто, бидејќи цената на нафтата падна поради стравувањата на трговците од слабеење на економскиот раст, а со тоа и на побарувачката.

„Минатата година беше ужасна“
Така, во првиот работен ден од новата година продолжи падот на цените на акциите, откако индексот S&P 500 лани потона за повеќе од 19 отсто, што беше негов најголем пад од светската финансиска криза во 2008 година.

Тоа беше последица на агресивното зголемување на каматните стапки на американската централна банка со цел да се потисне инфлацијата, која кон средината на годината достигна највисоки нивоа во последниве повеќе од 40 години.