Волстрит падна откако Fitch го намали рејтингот на САД

33

На Волстрит цените на акциите значително паднаа во средата, откако агенцијата „Фич“ го намали кредитниот рејтинг на САД, што поттикна некои инвеститори да го префрлат својот капитал од поризични на побезбедни инвестиции.

Dow Jones загуби 0,98 отсто, на 35.282 поени, додека S&P 500 се лизна за 1,38 отсто, на 4.513 поени, а индексот Nasdaq загуби 2,17 отсто, на 13.973 поени.

Најголемиот дневен пад на индексот S&P 500 за повеќе од три месеци е резултат на одлуката на Fitch да го намали кредитниот рејтинг на САД од највисоко можно ниво на ААА на АА+ поради, како што објасни агенцијата, очекувањето за влошувањето на фискалната состојба и зголемување на јавниот долг во следните три години.

„Фич“ е само втората агенција што го намали рејтингот на САД, откако „Стандард и Пурс“ го стори тоа во 2011 година.

Поради ова, некои инвеститори се повлекоа од поризични инвестиции и се свртеа кон побезбедни, како што се државните обврзници.

Сепак, аналитичарите посочуваат дека економијата е во добра состојба и покрај драстичното зголемување на каматните стапки од страна на ФЕД во последната година и дека тоа би можело да ја избегне рецесијата.

Затоа не се очекуваат големи потреси на финансиските пазари.

Во последните денови инвеститорите се фокусираат на кварталните деловни резултати на компаниите.

Досега, околу две третини од компаниите во индексот S&P 500 ги објавија своите деловни извештаи, при што околу 80 отсто од нив ги надминаа проценките на аналитичарите по заработка.

Иако приходите на повеќето компании се повисоки од очекуваните, во просек се пониски отколку во истиот квартал лани.

Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс се намали за 1,36 отсто, на 7.561 поен, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,36 отсто, на 16.020 поени, а париски CAC 1,26 отсто, на 7.312 поени.