Волстрит падна по пораката и проценките на ФЕД

78

На Волстрит цените на акциите паднаа во средата, откако американската централна банка ги зголеми каматните стапки за 0,50 процентни поени и сигнализираше дека цената на задолжувањето ќе остане покачена подолг период од очекуваното.

Dow Jones загуби 0,42 отсто, на 33.966 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,61 отсто, на 3.995 поени, а индексот Nasdaq загуби 0,76 отсто, на 11.170 поени.

По четири последователни зголемувања на каматните стапки за 0,75 процентни поени, на вчерашната седница ФЕД ги зголеми каматните стапки за нови 0,50 процентни поени, на опсег од 4,25 до 4,50 отсто, што е нивно највисоко ниво во последните 15 години.

Инвеститорите очекуваа ваков потег, но беа обесхрабрени од проценките дека каматните стапки ќе бидат покачени на повисоки нивоа од очекуваното и дека тие ќе останат на тие нивоа подолго од очекуваното.

Имено, челниците на централната банка проценуваат дека конечната каматна стапка, на која ќе запре циклусот на зголемување на каматните стапки, ќе достигне 5,1 отсто, додека во септември очекуваа 4,6 отсто.

Тоа значи дека ФЕД и во наредната година ќе ги зголеми каматните стапки за вкупно 0,75 процентни поени, во опсег од 5 до 5,25 отсто.

На тоа ниво, ФЕД би го запрел циклусот на зголемување на трошоците за задолжување и би чекал да се види како таквата монетарна политика влијаела на инфлацијата.