Волстрит падна по слабите економски податоци

Берзанските индекси паднаа на Волстрит во четвртокот, откако новите податоци покажаа дека американската економија пораснала помалку од очекуваното во првиот квартал, додека инфлацијата се зголемила.

Dow Jones загуби 0,98 отсто, на 38.085 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,46 отсто, на 5.048 поени, а индексот Nasdaq 0,64 отсто, на 15.611 поени.

Вчера беше објавено дека во првиот квартал бруто домашниот производ (БДП) на САД пораснал за 1,6 отсто на годишно ниво, што е далеку под очекувањата на аналитичарите и најбавно во последните речиси две години.

Од друга страна, инфлацијата во изминатиот квартал достигна 3,4 отсто на годишно ниво, додека во претходниот квартал изнесуваше 1,8 отсто.

Ова ги разочара инвеститорите, бидејќи се поставува прашањето дали американската централна банка воопшто ќе почне да ги намалува каматните стапки оваа година.

Во поново време се очекуваше дека ФЕД агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година, почнувајќи од јуни, но се поочигледно е дека централната банка нема да брза со намалување на каматните стапки поради високата инфлација.

Најголем губитник вчера беше технолошкиот сектор, бидејќи цената на акцијата на Meta Platforms, чадор-компанијата на Facebook, потона за речиси 11 отсто, по објавувањето на кварталните деловни резултати и проценките за понатамошното работење.

Ова изврши притисок врз целиот технолошки сектор, а паднаа и цените на акциите на Alphabet и Microsoft.

Но, во продолженото тргување по затворањето на Волстрит, цените на акциите на двата технолошки гиганти нагло пораснаа благодарение на подобрите од очекуваните деловни резултати од тие компании.

Затоа, и фјучерсите на Nasdaq и индексот S&P 500 во моментов се во позитива.