Волстрит падна трет ден по ред

53

На Волстрит, берзанските индекси во четвртокот паднаа трет ден по ред, бидејќи инвеститорите се приспособија на проценките дека периодот на повисока инфлација и каматни стапки може да трае подолго од очекуваното, додека економскиот раст значително ќе забави.
Dow Jones загуби 0,35 отсто, на 30.076 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,84 отсто, на 3.757 поени, а индексот Nasdaq загуби 1,37 отсто, на 11.066 поени.

Инвеститорите сè уште се под впечаток на пораките на челниците на американската централна банка дека ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки, иако во последните три сесии ги зголемија за 0,75 процентни поени, во опсег од 3 до 3,25 отсто, што е највисоко ниво од 2008 година.

Лидерите на ФЕД се решени, рекоа во средата по дводневната седница, да ја потиснат инфлацијата од највисоките нивоа во повеќе од 40 години.

Но, агресивните планови на Банката на федерални резерви да ја ограничи инфлацијата до целта од 2 проценти ќе бидат потребни години, ќе го забави економскиот раст и ќе ја зголеми невработеноста, покажуваат проекциите на ФЕД.

Така, ФЕД ја намали проценката за растот оваа година на само 0,2 отсто, додека претходно проценуваше дека економијата ќе порасне за 1,7 отсто. Догодина бруто домашниот производ би можел да порасне за 1,2 отсто.

Но, инвеститорите стравуваат дека најагресивното зголемување на стапката на ФЕД во историјата ќе ја турне економијата во подлабока рецесија.

Технички, американската економија веќе западна во рецесија, имајќи предвид дека во последните два квартали паѓа на квартална основа, но засега оваа рецесија е „плитка“.

Претседателот на ФЕД Џером Пауел отворено призна во средата: „Никој не знае дали овој процес ќе доведе до рецесија и, ако е така, колку тешка ќе биде рецесијата“.

Што се однесува до инфлацијата, челниците на ФЕД проценуваат дека целното ниво на инфлација од 2 отсто би можело да се достигне дури во 2025 година.

„Ако зголемената инфлација продолжи и Пауел продолжи да пука со сето оружје, како што најави, мислам дека ќе паднеме во рецесија. А тоа значително ќе ја намали заработката на компаниите“, вели Мајк Мулани, директор во Бостон Партнерс.

Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 1,08 отсто, на 7.159 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,84 отсто, на 12.531 поен, а париски CAC 1,87 отсто, на 5.918 поени.