Волстрит падна втор ден по ред

16

Вчера на Волстрит, S&P 500 и Nasdaq индексот паднаа втор ден по ред, бидејќи инвеститорите решија да повлечат дел од својата заработка од пазарот, по силниот раст на цените на акциите во последните месеци од минатата година.

Dow Jones загуби 0,76 отсто, на 37.430 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,80 отсто, на 4.704 поени, а индексот Nasdaq загуби 1,18 отсто, на 14.592 поени.

Тоа е првпат од 2015 година индексот S&P 500 да паѓа два дена по ред на самиот почеток на годината, а тоа е последица, велат аналитичарите, на одлуката на инвеститорите да повлечат дел од својата заработка од пазарот, по силниот пораст на цените на акциите на крајот на минатата година.

Нема информации кога ФЕД би можел да почне да ги намалува каматните стапки
Дополнително, вчера објавениот записник од последната седница на американската централна банка не дава никакви показатели за тоа кога би можело да следи намалување на каматните стапки.

Лидерите на ФЕД веруваат дека инфлацијата е под контрола и предупредуваат дека премногу рестриктивната монетарна политика може да и наштети на економијата. Но, од записникот не може да се заклучи кога би можело да започне намалувањето на каматите.

„Пазарот сакаше да слушне кога и колку ФЕД ќе почне да ги намалува каматните стапки, но тоа не може да се заклучи од записникот“, објаснува Џејсон Бец, советник во Ameriprise Financial.