Волстрит падна втор ден по ред, расте стравот од инфлација

85

Берзанските индекси на Волстрит паднаа вчера, втор ден по ред, бидејќи на пазарот владее неизвесност пред извештајот за инфлацијата во САД и почетокот на сезоната на објавување на кварталните деловни резултати.

Dow Jones загуби 192 поени или 0,62 отсто, на 30.981 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,92 отсто, на 3.818 поени, а индексот Nasdaq 0,95 отсто, на 11.264 поени.

Цело време, индексите лебдеа на работ на позитивната и негативната територија, за да се лизнат подлабоко во негативата при крајот на тргувањето.

Инвеститорите се претпазливи и не се ризични пред објавувањето на извештајот за потрошувачките цени во САД, што треба да се објави во среда, што може да има значително влијание врз насоката на пазарот.

Аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека во јуни инфлацијата дополнително се забрза од 8,6 отсто колку што беше во мај, на 8,8 отсто на годишна основа.

Тоа би било новото највисоко ниво на инфлација во повеќе од 40 години, што во најголем дел е последица на растот на цените на енергијата и нарушувањата во синџирите на снабдување.

Пол Ким, директор на Simplify ETFs, проценува дека инфлацијата во јуни се приближила до нивото од 9 проценти, „и со толку висока инфлација, ФЕД има само една работа на ум“.

Во обид да ја ограничи инфлацијата, американската централна банка ги зголеми клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени во јуни и се очекува тоа да го направи повторно во јули.

Поради ова, растот на економијата забавува, а единственото прашање е дали ФЕД ќе успее „меко“ да ја приземји економијата или ќе ја турне во рецесија.

„Инвеститорите чекаат да видат каква е состојбата со инфлацијата и заработката на компаниите. Пазарот е нестабилен веќе неколку месеци поради стравувањата од инфлација и рецесија. Инвеститорите се многу збунети и не сакаат да преземаат ризици“, вели Брент Шуте, директор во Northwestern Mutual Wealth Management Company.

Внимателни се и инвеститорите бидејќи оваа недела започнува сезоната на објавување на квартални финансиски извештаи на компаниите.