Волстрит под притисок од зголемените цени на производителите

На Волстрит, берзанските индекси паднаа бидејќи посилниот од очекуваниот пораст на цените на производителите во САД ги намали изгледите дека американската централна банка ќе почне да ги намалува каматните стапки во јуни.

Индексот Dow Jones загуби 0,35 отсто, на 38.905 поени, додека индексот S&P се лизна за 0,29 отсто, на 5.150 поени, а индексот Nasdaq 0,30 отсто, на 16.128 поени.

Најновите податоци покажаа дека цените на производителите во САД се зголемија за 0,6 отсто во февруари, двојно повеќе од очекуваното, најмногу поради растот на цените на бензинот и храната.

Ова поттикна корекција на цените на акциите во секторите за комунални услуги и недвижности, кои се чувствителни на промените на каматните стапки.

Цената на акцијата на технолошката ѕвезда Nvidia падна, од друга страна, за 3,2 отсто, повлекувајќи го целиот сектор надолу во просек за 1,8 отсто.

Секторот на производители на чипови падна за 3,5 отсто
Од почетокот на неделата, секторот на производители на чипови падна за 3,5 отсто бидејќи инвеститорите решија да извадат дел од заработката од пазарот по неодамнешниот остар скок на нивните цени.

Следната недела инвеститорите ќе се фокусираат на сесијата на ФЕД. Се очекува централната банка да ги остави каматните стапки непроменети, а со оглед на тоа што инфлацијата остана покачена во последните два месеци, има сè помалку шанси ФЕД да ги намали каматните стапки во јуни.

„Ако ја погледнеме вкупната инфлација, таа остана покачена во изминатите два месеци, но пазарот некако расте. ФЕД можеби нема да ја олесни монетарната политика оваа година колку што пазарот сакаше, но изгледите за дополнително затегнување се сè уште многу мал“, вели Тони Велч, главен директор за инвестиции на SignatureFD.

И покрај падот два дена по ред, индексите сè уште се на пат за благи подеми оваа недела.

Од почетокот на годината, сепак, индексот S&P 500 сè уште е во пораст за приближно 8 проценти.

И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 0,37 отсто, на 7.743 поени, а франкфуртски DAX 0,11 отсто, на 17.942 поени. Парискиот CAC зајакна, пак, за 0,29 отсто, на 8.161 поен.