Волстрит порасна, а во фокусот е кандидатурата на Камала Харис

83

На Волстрит  пораснаа берзанските индекси, што најмногу се должи на корекцијата на цените на акциите на големите технолошки компании, по остриот пад минатата недела.

Индексот Dow Jones зајакна 0,32 отсто, на 40.415 поени, додека S&P 500 порасна за 1,08 отсто, на 5.564 поени, а Nasdaq 1,58 отсто, на 18.007 поени.

Минатата недела тие индекси драстично паднаа, меѓу другото, и поради ротацијата на капиталот од технолошкиот сектор, што го доведе растот во последните години, до сектори кои би можеле повеќе да имаат корист од намалувањето на каматните стапки. Имено, на пазарот зајакна мислењето дека американската централна банка во септември ќе ги намали каматните стапки бидејќи инфлаторните притисоци се намалуваат, додека економскиот раст забавува.

Но, вчера акциите на многу технолошки гиганти вратија дел од минатонеделните загуби. Цените на акциите на Alphabet, Meta Platforms, Nvidia и Tesla пораснаа меѓу 2,2 и 5,1 отсто.

Вчера и инвеститорите беа фокусирани на политичката сцена, откако американскиот претседател Џо Бајден во неделата се повлече од трката за втор мандат.

Бајден ја поддржа потпретседателката Камала Харис како демократски претседателски кандидат, но прашање е кој всушност ќе ја добие таа кандидатура.

Одлуката на Бајден не е неочекувана, со оглед на неговата лоша здравствена состојба. Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп имаше значително водство во анкетите против Бајден, но неговата предност против Камала Харис е значително помала.

Инвеститорите се фокусирани и на деловните резултати на компаниите и банките во вториот квартал. Најмногу внимание ќе привлечат овонеделните извештаи од Alphabet и Tesla. И на европските берзи вчера поскапеа акциите. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,53 отсто, на 8.198 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 1,29 отсто, на 18.407 поени, а париски CAC 1,16 отсто, на 7.622 поени.