Волстрит порасна два дена по ред, во фокус изјавата на шефот на ФЕД

8

На Волстрит, берзанските индекси пораснаа во вторникот, втор ден по ред, но тргувањето беше претпазливо пред одлуките и пораките на американската централна банка.

Индексот Dow Jones зајакна 0,83 отсто, на 39.110 поени, додека индексот S&P порасна за 0,56 отсто, на 5.178 поени, а индексот Nasdaq за 0,39 отсто, на 16.166 поени.

Растот на S&P 500 и Nasdaq индексот е благодарение, меѓу другото, и на растот на цените на акциите на неколку технолошки гиганти, на пример, Nvidia.

Значително пораснаа и цените на акциите во нафтениот сектор, за повеќе од 1 процент во просек, бидејќи пораснаа цените на „црното злато“.

Сепак, потпросечниот обем на тргување покажува дека инвеститорите се внимателни бидејќи во вторникот започна дводневниот состанок на лидерите на американската централна банка.

Шефот на ФЕД во фокус
Се очекува ФЕД да ги остави каматните стапки непроменети, а инвеститорите најмногу ги интересира што ќе каже претседателот на Централната банка Џером Пауел на прес-конференција по состанокот во среда.

Бидејќи инфлацијата остана покачена во последните два месеци, сè помалку е веројатно дека ФЕД ќе ги намали каматните стапки во првата половина од годината.

На пазарот на пари се проценува дека изгледите за намалување на каматните стапки во јуни паднаа на помалку од 60 отсто, додека пред една недела беа околу 70 отсто.

Се повеќе аналитичари веруваат дека поради зголемената инфлација, ФЕД годинава ќе ги намали каматните стапки само три пати за 0,25 процентни поени, додека неодамна очекуваа пет или дури шест намалувања.