Волстрит порасна – европските берзи паднаа

На Волстрит вчера берзанските индекси пораснаа по минатонеделниот остар пад, но тргувањето беше претпазливо бидејќи приносите на американскиот трезор достигнаа ново 16-годишно ниво. Dow Jones зајакна 0,13 отсто, на 34.006 поени, додека S&P 500 порасна за 0,40 отсто, на 4.337 поени, а индексот Nasdaq 0,45 отсто, на 13.271 поени.

Тоа најмногу се должи на поскапувањето на акциите во енергетскиот сектор, во просек за 1,3 отсто, а во рударскиот сектор за 0,8 отсто, поради растот на цените на суровините. Но, тргувањето беше претпазливо бидејќи приносите на американските државни обврзници достигнаа нови највисоки нивоа во последните 16 години.

Ова е резултат на минатонеделните проценки на шефот на американската централна банка дека каматните стапки би можеле дополнително да се зголемат до крајот на годината и дека тие би можеле да останат на покачени нивоа подолго од очекуваното.

Пад на европските берзи
„Во моментов на пазарот се води војна помеѓу оние кои се загрижени дека каматните стапки ќе останат зголемени подолг временски период и „биковите“ кои веруваат дека пазарната корекција е завршена и дека треба да се купат акции“, рече Чак Карлсон, директор во Horizon Investment Services.

Инвеститорите се исто така претпазливи бидејќи оваа недела ќе бидат објавени неколку важни извештаи, вклучително и инфлацијата, производството и бруто домашниот производ (БДП) во САД. Од крајот на јули, индексот S&P 500 загуби 5,5 отсто, но во однос на почетокот на годината и натаму е во пораст за околу 13 отсто.

И на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,78 отсто, на 7.623 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,98 отсто, на 15.405 поени, а париски CAC 0,85 отсто, на 7.123 поени.