Волстрит порасна по неколкудневниот пад

70

На Волстрит цените на акциите пораснаа по неколкудневни падови, бидејќи податоците од американскиот пазар на труд ги подгреаја надежите дека инфлаторните притисоци се намалуваат. Dow Jones порасна за 0,55 отсто, на 33 781 поени, додека S&P 500 зајакна 0,75 отсто, на 3 963 поени, а Nasdaq индексот зајакна 1,13 отсто, на 11 082 поени.

По падот пет дена по ред, S&P 500 вчера умерено порасна, благодарение на корекцијата на цените на акциите во технолошкиот сектор, по неколкудневниот пад и најновите податоци од пазарот на трудот.

Имено, минатата недела незначително се зголемил бројот на Американци кои побарале помош поради невработеност, што може да укаже на слабеење на пазарот на труд, што значи и намалување на притисокот врз растот на платите.

А тоа, пак, најавува слабеење на потрошувачката и инфлаторни притисоци. Ова ќе го отвори патот за американската централна банка наскоро да стави крај на циклусот на зголемувања на каматните стапки. Последната седница на ФЕД оваа година ќе се одржи следната недела, а се очекува забавување на темпото на зголемување на каматните стапки.

По серијата зголемувања на каматните стапки за 0,75 процентни поени, пазарот проценува дека челниците на централната банка следната недела ќе ги зголемат каматните стапки за 0,50 процентни поени. Но, прашањата што најмногу ги мачат инвеститорите се до кое ниво ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки – на 4,75 или 5,00 проценти – и колку долго тие ќе останат на тие нивоа?

Во моментов клучните каматни стапки се движат од 3,75 до 4 отсто, што е највисоко ниво од почетокот на 2008 година.

Неизвесност на пазарот
Дополнително, на пазарот владее неизвесност бидејќи инвеститорите стравуваат дека американската економија следната година ќе западне во рецесија, како што во последните денови предупредуваа шефовите на неколку големи банки и многу аналитичари. Според нив, прашање е само дали рецесијата ќе биде плитка или подлабока.

Ова е резултат на високата инфлација, поради што ФЕД од почетокот на годината агресивно ги зголемува клучните каматни стапки.

„Пазарот мора да се прилагоди на фактот дека преминуваме од економија заснована на стимулации – и монетарни и фискални – во економија без такви стимулации. Тоа прилагодување и несигурност на пазарот продолжува“, вели Вајли Ангел, стратег во Зиглер капитал менаџмент.
Во девет од 11-те најважни сектори на индексот S&P 500, вчера цените на акциите пораснаа, а највисоко во технологијата, за 1,6 отсто.

По неколкудневен пад, цените на акциите на Епл, Амазон, Навидиа и Мајкрософт пораснаа меѓу 1,2 и 6,5 отсто.

И на европските берзи вчера претпазливо се тргуваше. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,23 отсто, на 7 472 поени, а париски CAC за 0,20 отсто, на 6 647 поени. Франкфуртски DAX зајакна, пак, за 0,02 отсто, на 14 264 поени.