Волстрит порасна шести ден по ред

На Волстрит, берзанските индекси пораснаа шести по ред во четвртокот, при што Dow Jones достигна ново рекордно високо ниво, бидејќи инвеститорите очекуваат американската централна банка да ги намали каматните стапки следната година.

Dow Jones зајакна 0,43 отсто, на рекордни 37.248 поени, додека S&P 500 порасна за 0,26 отсто, на 4.719 поени, а индексот Nasdaq 0,19 отсто, на 14.761 поени.

На најголемата светска берза сè уште владее добро расположение, бидејќи по пораките на првиот човек на ФЕД од седницата во средата, инвеститорите сметаат дека циклусот на затегнување на монетарната политика е завршен и дека следната година ќе следи намалување на каматите.

На последната седница од годината, челниците на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети во опсег од 5,25 до 5,50 отсто во средата, имајќи предвид дека инфлаторните притисоци постепено се намалуваат.

Претседателот на ФЕД Џером Пауел на прес-конференција рече дека централната банка најверојатно нема повторно да ги зголеми каматните стапки и дека сега е фокусирана на „не правење грешка да ги држи каматните стапки премногу високи предолго“.

По пораките на првиот човек на ФЕД, пазарот проценува дека има 90 отсто шанси централната банка по повеќе од година и пол затегнување на монетарната политика во мај да почне да ги намалува каматните стапки.

Дополнително, се чини дека и покрај наглото зголемување на каматните стапки, американската економија ќе избегне рецесија. На тоа укажуваат и вчера објавените податоци за неочекуваниот раст на прометот во трговијата на мало во ноември.