
На Волстрит, берзанските индекси во вторникот пораснаа трет ден по ред, најмногу благодарение на растот на цените на акциите на неколку технолошки гиганти и надежта на инвеститорите дека американската централна банка нема дополнително да ги зголеми каматните стапки.
Dow Jones зајакна 0,85 отсто, на 34.852 поени, додека S&P 500 порасна за 1,45 отсто, на 4.497 поени, а индексот Nasdaq порасна за 1,74 отсто, на 13.943 поени.
Растот на индексот главно се должи на скокот на цените на акциите на неколку технолошки гиганти со голема пазарна капитализација.
Цената на акцијата на Tesla скокна за повеќе од 7,5 отсто, на Nvidia повеќе од 4 отсто, а на Alphabet речиси 3 отсто.
Во повеќето други сектори, цените на акциите исто така пораснаа, благодарение на новите податоци кои покажуваат дека американскиот пазар на труд „се лади“, што ги поддржа надежите на инвеститорите дека ФЕД нема дополнително да ги зголеми клучните каматни стапки.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс скокна за 1,72 отсто, на 7.464 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,88 отсто, на 15.930 поени, а париски CAC 0,67 отсто, на 7.373 поени.











