Волстрит порасна, тргувањето е неизвесно

59

На Волстрит, берзанските индекси пораснаа во понеделникот, по остриот пад минатата недела, но тргувањето беше неизвесно додека се чекаа одлуките и пораките од американската централна банка за каматните стапки. Dow Jones зајакна 0,64 отсто, на 31.019 поени, додека S&P 500 порасна за 0,69 отсто, на 3.899 поени, а индексот Nasdaq 0,76 отсто, на 11.535 поени.

Откако го забележаа најголемиот пад од јуни минатата недела, индексите вчера закрепнаа дел од загубите, но тргувањето беше претпазливо. На тоа укажува слабиот обем на тргување. Само 9,58 милиони акции се сменија, што е шести најнизок дневен обем оваа година. Ова е последица на неизвесноста на инвеститорите во однос на зголемувањето на каматните стапки на американската централна банка.

Повеќето аналитичари очекуваат челниците на ФЕД да ги зголемат клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени трет пат по ред на дводневниот состанок, кој завршува во среда. Сепак, откако минатонеделните податоци покажаа дека инфлацијата во САД е повисока од очекуваната во август, се шпекулира дека ФЕД би можел да ги зголеми каматните стапки за цел процентен поен.

„Сите очи вперени во ФЕД“
„Сите очи се вперени во ФЕД и чекаме што ќе одлучат и кажат челниците на централната банка во среда. Мислам дека тргувањето ќе биде слабо дотогаш“, вели Џош Маркман, партнер во Bel Air Investment Advisors.

Инвеститорите стравуваат дека инфлацијата може да остане на високи нивоа подолго од очекуваното, што би го принудило ФЕД да ја заостри монетарната политика и следната година.