
На Волстрит, цените на акциите повторно остро паднаа во вторникот, при што индексот S&P 500 падна на најниско ниво за една година, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп ја ескалира тарифната војна со Кина.
Индексот Dow Jones загуби 0,84 отсто, на 37.645 поени, додека S&P 500 потона за 1,57 отсто, на 4.982 поени, а индексот Nasdaq загуби 2,15 отсто, на 15.267 поени.
На почетокот на вчерашното тргување, Волcтрит изгледаше подготвен да се опорави од остриот пад од претходните денови, бидејќи S&P 500 скокна за 4 отсто поради надежите на инвеститорите дека Трамп или ќе ги олесни или ќе ги одложи најавените дополнителни царини. Од 5 април важат основните царини од 10 отсто за целиот увоз во САД.
Потоп на индексите
Сепак, Белата куќа вчера соопшти дека дополнителните царини ќе стапат на сила на 9 април, како што е планирано.
Истовремено, дополнително ќе се зголемат царините за увоз на кинеска стока за 50 отсто, на вкупно 104 отсто. Така Трамп ја исполни својата закана дека ќе ги зголеми царините доколку Кина не се откаже од воведувањето царини за увоз на американски производи. Кина соопшти дека не се согласува со уцени.
Поради засилувањето на царинската војна, на најголемата светска берза стивна сиот оптимизам, па индексите ги загубија сите првични добивки и длабоко паднаа во негативна територија.
Во исто време, индексот S&P 500 падна на најниско ниво од април минатата година и сега е за 19 отсто понизок од рекордното ниво, постигнато во февруари.
Од минатата среда, кога Трамп најави драстични царини, тој индекс потона за повеќе од 12 отсто, додека околу 5,8 трилиони долари од пазарната вредност на компаниите и банките вклучени во тој индекс се избришани.
Фото:Pixabay