Волстрит расте четврти ден по ред

44

На Волстрит во вторникот, индексот Dow Jones и S&P 500 порасна четврти ден по ред, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од вестите за напредокот во мировните преговори меѓу Русија и Украина, како и падот на цената на нафтата.

Dow Jones зајакна за 338 поени, или 0,97 отсто, на 35.294 поени, додека S&P 500 порасна за 1,23 отсто, на 4.631 поени, а индексот Nasdaq за 1,84 отсто, на 14.619 поени.

Инвеститорите беа охрабрени од промената во преговорите меѓу Русија и Украина

Инвеститорите беа охрабрени од веста дека на мировните преговори во вторникот, Русија вети дека драстично ќе ги намали воените операции околу Киев и северниот град Чернихив, а Украина предложи неутрален статус со меѓународни гаранции дека ќе биде заштитена од напади.

Украинските преговарачи рекоа дека предложиле статус со кој нивната земја нема да се приклучува на сојузи или да има бази за странски војници, но нејзината безбедност ќе биде гарантирана под услови слични на членот 5, кој се однесува на колективната одбрана на НАТО.

На пазарот позитивно влијаеше и падот на цената на нафтата втор ден по ред.

Трговците со црно злато беа загрижени за „затворањето“ на Шангај за да се спречи ширењето на коронавирусот, што може да доведе до пад на побарувачката за нафта во Кина, најголемиот светски увозник на нафта.