Волстрит расте со недели, технолошките гиганти меѓу големите добитници

18

На Волстрит минатата недела индексот S&P 500 достигна ново рекордно ниво, благодарение на добрите деловни резултати на американските компании, додека тргувањето на европските берзи беше повнимателно.
На Волстрит, Dow Jones минатата недела зајакна 0,04 отсто, на 38.671 поен, додека S&P 500 порасна за 1,4 отсто, на 5.026 поени, а индексот Nasdaq за 2,3 отсто, на 15.990 поени.

Така, индексите пораснаа петта недела по ред, при што S&P 500 и Dow Jones достигнаа нови рекордни нивоа, додека Nasdaq е на само 0,4 отсто од највисокото ниво во историјата. Ова е благодарение на подобрите од очекуваните квартални деловни резултати на компаниите.

Досега, околу две третини од компаниите во индексот S&P 500 известија за своето работење во последниот квартал од минатата година, при што околу 81 отсто од нив ги надминаа очекувањата на аналитичарите во однос на заработката. Според тоа, сега се проценува дека во тој квартал заработката на компанијата се зголемила за околу 9 отсто, додека пред еден месец се очекуваше раст од 4,7 отсто.

Меѓу најголемите добитници минатата недела беа акциите на технолошките компании, благодарение на оптимизмот на инвеститорите во однос на развојот на вештачката интелигенција. Макроекономските податоци покажаа, од друга страна, дека американската економија сè уште бележи постојан раст и дека пазарот на трудот е сè уште силен.

Тоа значи дека потрошувачката би можела да продолжи да расте, а инфлацијата да остане на покачени нивоа, па челниците на американската централна банка велат дека нема причина да се брза со намалување на каматните стапки. Затоа, надежите на инвеститорите дека ФЕД веќе во март ќе го започне процесот на намалување на каматните стапки целосно избледеа.

За разлика од најголемата светска берза, на европските берзи минатата недела се тргуваше повнимателно. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,6 отсто, на 7.572 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,1 отсто, на 16.926 поени, а париски CAC 0,7 отсто, на 7.647 поени.