Волстрит расте втор ден по ред – доларот со остар пад

74

На Волстрит цените на акциите вчера пораснаа втор ден по ред бидејќи записникот од состанокот на челниците на американската централна банка покажа дека порастот на каматните стапки наскоро би можел да забави.

Dow Jones зајакна 0,28 отсто, на 34.194 поени, додека S&P 500 порасна за 0,59 отсто, на 4.027 поени, а Nasdaq индексот порасна за 0,99 отсто, на 11.285 поени. Растот на индексот втор ден по ред главно се должи на објавувањето на записникот од последната седница на ФЕД, кој покажа дека мнозинството лидери на централните банки сметаат дека темпото на зголемување на каматните стапки наскоро би можело да се забави .

Ова ја зацврсти тезата дека ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки за 0,50 процентни поени во декември, по серијата зголемувања за 0,75 поени. Забавување на темпото на затегнување на монетарната политика е можно бидејќи низа макроекономски податоци покажуваат дека деловните активности слабеат, додека растот на потрошувачката, главниот двигател на економијата, забавува.

Сè зависи од инфлацијата
Сепак, сè уште има отворени прашања за тоа како ќе се движи инфлацијата во наредните месеци и до кое ниво ФЕД ќе ја зголеми цената на парите. Аналитичарите велат дека пазарот деновиве е предмет на поголема нестабилност поради помалиот обем на тргување пред празникот Денот на благодарноста, кој многу инвеститори обично го поврзуваат со викендот.

Така вчера на американските берзи се сменија околу 9,25 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните 20 дена изнесуваше 11,6 милијарди. На Волстрит утре ќе се тргува кратко.

Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,17 отсто, на 7.465 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,04 отсто, на 14.427 поени, а париски CAC 0,32 отсто, на 6.679 поени.

Доларот драстично падна, цените на нафтата во минус втор ден по ред
И на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката валути драстично падна, по објавувањето на записникот на ФЕД. Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 105,85 поени, додека вчера во овој момент изнесуваше 107,15 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута потона од вчерашните 141,20 на 138,85 јени. Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0420 долари, додека вчера во ова време беше 1,0305 долари.

Цените на нафтата, пак, продолжија да се намалуваат, откако вчера потонаа за повеќе од 3 отсто.