На Волстрит цените на акциите нагло пораснаа во понеделникот по неколкудневниот пад, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од падот на приносот на обврзниците по извештајот кој укажува на забавување на растот на американската економија.
Dow Jones порасна за 2,66 отсто, на 29.490 поени, додека S&P 500 скокна за 2,59 отсто, на 3.678 поени, а индексот Nasdaq порасна за 2,27 отсто, на 10.815 поени.
По три квартали пад, поради агресивното зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка со цел да се потисне инфлацијата, на почетокот на четвртиот квартал од оваа година индексите силно пораснаа.
Во сите 11 најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите пораснаа вчера, а највисоко во енергетскиот сектор.
Цените на акциите на нафтените гиганти Ексон и Шерон скокнаа за повеќе од 5 отсто, благодарение на силниот раст на цената на нафтата по веста дека Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) размислува за најголемото намалување на производството од почетокот на пандемијата на Ковид-19.
Силно пораснаа и цените на акциите во банкарскиот сектор, во просек за 3 отсто, а цените на акциите на технолошките гиганти Епл и Мајкрософт, кои имаат големо учество во индексите, скокнаа за повеќе од 3 отсто.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,22 отсто, на 6.908 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,79 отсто, на 12.209 поени, а париски CAC 0,55 отсто, на 5.794 поени.











