
На Волстрит индексот S&P 500 благо се лизна од рекордното ниво бидејќи инвеститорите се претпазливи пред пораките на првиот човек на американската централна банка и објавувањето на кварталните деловни резултати на најголемите технолошки компании.
Dow Jones зајакна 0,35 отсто, на 38.467 поени, додека S&P 500 загуби 0,06 отсто, на 4.924 поени, а Nasdaq индексот загуби 0,76 отсто, на 15.509 поени. Инвеститорите се претпазливи бидејќи денеска ќе бидат објавени одлуките од дводневниот состанок на челниците на ФЕД.
Додуша, не се очекуваат промени во монетарната политика, но инвеститорите внимателно ќе ги следат коментарите на претседателот на ФЕД Џером Пауел на прес-конференцијата. Во поново време се очекуваше дека ФЕД ќе започне со намалување на каматните стапки во март, но по најновите податоци за инфлацијата, економскиот раст и изјавите на голем број лидери на ФЕД, пореално е да се очекува намалување на каматните стапки во мај.
Минатата година силно пораснаа акциите на технолошките гиганти
Внимателни се и инвеститорите бидејќи во наредните денови кварталните деловни резултати ќе ги објавуваат технолошките гиганти, како Alphabet, Microsoft, Apple, Amazon.com, Meta Platforms… Цените на акциите на овие компании силно пораснаа минатата година, благодарение на еуфоријата поттикната од вестите за развојот, вештачката интелигенција (АИ), но новите деловни извештаи ќе покажат дали таквиот пораст на цените на акциите бил оправдан.
По затворањето на пазарот, цената на акциите на Alphabet падна во продолженото тргување за повеќе од 5 отсто, а на Мајкрософт за околу 1 отсто, така што фјучерсите Nasdaq рано утринава паднаа за околу 0,8 отсто. Иако и двете компании објавија подобри резултати од очекувањата на аналитичарите, некои инвеститори се чини дека очекуваа уште подобри резултати.
И на европските берзи вчера поскапеа акциите. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,44 отсто, на 7.666 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,18 отсто, на 16.972 поени, а париски CAC 0,48 отсто, на 7.677 поени.











