Волстрит значително падна по втор пат за три дена

30

На Волстрит берзанските индекси повторно паднаа во четвртокот, по вторпат во три дена, бидејќи новите макроекономски податоци ги зајакнаа очекувањата дека американската централна банка следната недела повторно агресивно ќе ги зголеми каматните стапки.

Dow Jones загуби 0,56 отсто, на 30.961 поен, додека S&P 500 падна за 1,13 отсто, на 3.901 поен, а индексот Nasdaq падна за 1,43 отсто, на 11.552 поени.

Ова е вторпат во последните три дена, откако беше објавен податокот за повисока од очекуваната инфлација во САД, индексите значително да паднат.

Ова е резултат на неизвесноста на инвеститорите во однос на зголемувањето на каматните стапки од страна на американската централна банка.

Повеќето аналитичари очекуваат дека челниците на ФЕД повторно, трет пат по ред, ќе ги зголемат клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени на состанокот следната недела. Но, имаше и шпекулации дека ФЕД може да ги зголеми каматните стапки за цел процентен поен.

Дека состојбата на пазарот на трудот е добра, а потрошувачката силна, покажуваат и вчерашните податоци за трошењето на мало и падот на барањата за помош за невработени.

Тоа, пак, значи дека инфлацијата би можела да остане на високо ниво, што би го принудило ФЕД дополнително да ја заостри монетарната политика.

И инвеститорите стравуваат дека подолг период на затегнување на монетарната политика ќе ја доведе економијата во подлабока рецесија.

Технички, американската економија веќе е во рецесија, имајќи предвид дека во последните два квартали бележи пад на квартална основа, но засега рецесијата е плитка.

На пазарот на капитал негативно влијае и забавувањето на растот на глобалната економија, како што вчера предупредија Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.

И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Сепак, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,07 отсто, на 7.282 поени, но франкфуртски DAX се лизна за 0,55 отсто, на 12.956 поени, а париски CAC 1,04 отсто, на 6.157 поени.

Фото: Facebook