Волстрит значително падна

76

На Волстрит, цените на акциите паднаа во понеделник бидејќи инфлациските притисоци во САД не се намалуваат толку брзо како што се надеваа инвеститорите, а прашање е до каде ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки.

Dow Jones се лизна за 1,4 отсто, на 33.947 поени, додека S&P 500 падна за 1,8 отсто, на 3.998 поени, а индексот Nasdaq падна за 1,93 отсто, на 11.239 поени. Откако растеа две недели по ред, овие индекси значително паднаа на почетокот на новата недела.

Пазарот порасна во последните недели благодарение на надежта на инвеститорите дека американската централна банка ќе го забави темпото на зголемување на каматните стапки веќе во декември. Повеќето аналитичари очекуваат дека ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки за само 0,50 процентни поени овој месец по серијата покачувања од 0,75 поени.

Сепак, ублажувањето на инфлаторните притисоци не се одвива толку брзо како што се надеваа инвеститорите. Податоците објавени во петокот од американскиот пазар на труд покажаа дека бројот на вработени продолжува да расте над очекувањата и дека растат и платите, што ја поддржува потрошувачката, но и инфлаторните притисоци. Податоците објавени вчера, сепак, покажаа дека активностите во услужниот сектор и натаму значително растат, а расте и вработеноста во тој сектор.