Возачите веруваат дека бројните технолошки опции во автомобилите се непотребни

111

Денешните автомобили стануваат сè повеќе како компјутери на тркала. Новите генерации возила доаѓаат со сè повеќе имплементирана технологија, од зголемениот број на екрани во автомобилите до разни форми на помош при возење, контрола на возилото и слично, кои треба да го подобрат искуството во возењето. Но, како што покажа една неодамнешна студија на J.D. Power во САД (US Tech Experience Index), некои од овие новитети и опции немаат некоја голема важност и корист за самите возачи. Повеќе се работи за опции со кои производителите сакаат да се фалат и да ги рекламираат, отколку за некои иновации кои навистина ќе им помогнат на возачите и ќе го подобрат нивното искуство во возењето или ќе имаат позитивен ефект врз безбедноста.

За дел од новите опции во автомобилите, колку и да се напредни и иновативни, возачите велат дека тоа се решенија кои бараат само проблеми, односно не решаваат некои нивни конкретни проблеми. Како некои од овие опции се споменуваат технологии како што се препознавање лица, сензори за отпечатоци, контрола на некои опции со гестови, односно движење на рацете и слично. За опциите како што е контролата со гестови со раката, забележано е високо ниво на инциденти (дури 43,4 проблеми на 100 автомобили) и повеќе од една петтина од сопствениците на возила изразија незадоволство од опцијата. Во некои случаи, додека оваа опција била активирана, возачите случајно го зголемувале звукот во автомобилот до максимум, но за среќа во ова истражување не се споменува дека имало несреќи или слично.

Кетлин Ризк од J.D. Power вели дека автомобилските компании мора да имаат напредна технолошка стратегија и треба да користат технологија која ќе ги задоволи потребите на корисниците и возачите, но нивното истражување покажува дека некои од опциите и технологиите не само што се непотребни, туку им пречат на возачите.

Меѓу другото, во ова истражување акцентот беше ставен на екраните во автомобилите. Новите генерации доаѓаат со се повеќе екрани, вклучително и екрани за патници, кои сопствениците на автомобили ги сметаат за непотребни. Возачите се жалат дека сепак имаат проблем да ги совладаат сите опции на главниот екран за инфозабава, а производителите на автомобили сега додаваат и нови екрани.

Додека некои напредни опции за помош на возачот ги решаваат вистинските проблеми на возачите, како што е предупредувањето за слепа точка, возачите не се толку задоволни со опциите како автоматско паркирање, па дури и со помошниците за возење. Тие сметаат дека ваквите асистенти не само што не се толку корисни, туку и не придонесуваат за зголемување на безбедноста на автомобилот.