Американската компанија за споделување на автомобили, Zipcar, во соработка со американскиот старт – ап Wrapify, прават симбиоза на старите и новите техники на рекламирање, пишува Adweek.
На заинтересираните возачи им нудат можност нивниот автомобил да го обложат со реклама и за тоа да добијат одреден надомест. Во секој автомобил, на којшто е облепена рекламата, има сензори коишто го анализираат движењето на автомобилот и колку луѓе на улиците ја забележале “рекламата на тркала“.
“Ние во Zipcar користиме најразлични маркетинг стратегии за да стигнеме до поголем број на потенцијални членови кои се заинтересирани да ги вклучат мобилните стратегии што одговараат на нивниот животен стил“, велат од Zipcar.
Wrapify е американски старт – ап, основан минатата година, којшто за релативно кратко време забележа голем раст. Компанијата неодамна отвори канцеларија во Њујорк, а има околу 35.000 возачи низ 25 американски градови. Возачите обично добиваат од 400 до 600 долари месечно, во зависност од должината на кампањата, изминатите километри и колкава површина од автомобилот е прекриена со реклама.