Возила на велешки Брако се појавуваат во холивудски филмови

152

Две возила на Green Machines, поранешна шкотска компанија, а од 2019 година во сопственост на велешки Брако, се имаат појавено во сцени на филмовите Man In Black 3 и Star Wars: The Phantom Menace.

Во далечната 1999 година, Џорџ Лукас кој е автор и режисер на филмовите Star Wars, шетал покрај Бакингамската палата во Лондон и го забележал возилото за одржување на улична хигиена на компанијата Green Mаchines , чие седиште тогаш е во Шкотска. Футуристичкиот изглед на ова возило му се допаднал на режисерот и така одлучил да го искористи во сцена од својот следен филм.

Во 2012 пак, режисерот Бери Соненфилд го подготувава својот трет филм од серијалот Man In Black. На сличен начин како кај режисерот Лукас и кај Соненфилд се раѓа идеа да искористи возило од компанијата Green Machines кое во една од сцените во филмот ќе го влече чудовиштето кое му создаваше многу проблеми на Агентот Џеј, чија улога ја толкува Вил Смит.

Инаку, Green Machines е една од најстарите компании за производство на машини за чистење на надворешни површини, основана во Шкотска во 1964 година. Пред три години велешки Брако почнува соработка со шкотската фирма и ги произведува овие машини, а во 2019 година, поранешниот директор на Green Machines заедно со велешки Брако основаат нова компанија Green Machines ДОО Велес и оттогаш овие машини се продаваат низ светот како македонски, а комплетното производството е пренесено во погоните на компанијата во Велес.

Новата компанија ги купи сите права на интелектуална сопственост, брендот, и останатите интереси во Green Machines и преку подружниците во Британија, GM Sweepers UK LTD, како и  Green Machines International со седиште во Холандија, продаваат низ цел свет, директно или преку дистрибутери.

Денес овие возила се користат во повеќе од 45 земји во светот, а овие машини ги чистат едни од најпознатите и најпрестижните локации на земјината топка, меѓу кои и Бакингамската палата, Плоштадот Свети Петар во Ватикан, улиците на Сингапур, Дизниворлд и Тајмс сквер во Њујорк.

Фото: YouTube Printscreen