Со Предлог законот за оддалечување на обложувалниците од образовните институции, преку ноќ ќе им се стави клуч на спортските обложувалници, а 10 илјади вработени ќе останат без работа, истакнаа од вработени во спортски обложувалници денеска на прес-конференција пред Владата.
“Не гледам никаква опасност затоа што нас не ни се клиенти децата од основно училиште, нема тука никаква опасност на крај на краишта на секој објект пишува забранет влез на лица под 18 години. Неколку пати е побарано да се разговара во формалните и во неформалните средби тоа ни е главниот адут за да докажеме колку е небулозно, нелогично вака конципираното законско решение, од наша страна беа доставени неколку точки кои би биле можеби подобрување на законот, не сме ние терористи, криминалци, па сега децата ќе ги штитите од нас, мислам дека и така имаме кревка економија со ова ќе ја доруинираат, бидејќи ние сме најголеми даночни обврзници, не правиме ние никаква штета на децата затоа што тоа е и веќе регулирано со закон и ние се придржуваме, малолетни деца не примаме во нашите објекти“, изјави Крстески.
Инаку, со новиот Предлог закон предложен од страна на Министерството за финансии, се предвидува обложувалниците и казината да бидат 500 метри оддалечени од образовните институции, основните, средните училишта и факултетите.
Министерство за финансии ја утврдило ваквата потреба бидејќи во постојниот закон воопшто не е утврдена оддалеченоста од основни и средни училишта и високообразовни институции, на деловните простории во кои се одвиваат игрите на среќа.