Вредноста на еврото во однос на доларот е најниска во последните четири и пол месеци

54

Вредноста на заедничката европска валута во однос на доларот денеска падна на најниско ниво во последните четири и пол месеци, пишува порталот „Трејдинг економикс“.

Според податоците од берзата, во 10 часот еврото се продавало за 1,06875 долари, што значи дека е најслабо од крајот на јуни во однос на американската валута.

Инвеститорите будно ги следат економските и монетарните движења, како и политичката ситуација во Германија, а особено се заинтересирани за можноста за предвремени парламентарни избори во земјата.

Трговците со валути се свртуваат против еврото бидејќи победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД ги зголемува шансите за агресивно намалување на каматните стапки во еврозоната, промени кои водат до паритет меѓу еврото и доларот, објави претходно Bloomberg.

Холандските банки ABN Amro и ING веруваат дека еден долар ќе се продава по цена од едно евро во наредните месеци, додека Deutsche Bank прогнозира дека еврото ќе падне на 1,05 долари до крајот на годината.

Ветувањето на Трамп дека ќе воведе високи царини би можело дополнително да ја ослабне европската економија, што би барало Европската централна банка уште повеќе да ја олесни својата монетарна политика, додава њујоршката агенција.