Вреднување на компанија – нова услуга на SEEU TechPark за стартапи и бизниси во експанзија

45

seeu-techpark

Фото: Facebook

Технолошкиот парк SEEU TechPark, којшто е лоциран во кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, воведува нова услуга за стартапи и бизнис во експанзија – Вреднување на компанија.

“Доколку вашиот бизнис е во почетна или т.н. експанзивна фаза, постапката на вреднување на компанијата во првите пет години и подоцна на секои две до три години, на сопствениците може да им даде пореални очекувања за вредноста на нивниот потфат. Исто така, ќе им даде можност да креираат практична временска рамка за евентуалната продажба на бизнисот или да разгледаат други – излезни опции за истиот. Воедно, сопствениците ќе бидат добро информирани за моменталниот статус на компанијата, и на можностите за продажба на сопственоста, купување на дополнителен удел, влегување во партнерства или потенцијално инвестирање во некое друго деловно поле“, велат од SEEU TechPark.

Голем е бројот на сопственици на бизниси, како што се наведува, кои не ја знаат вистинската вредност на нивните компании, па често знаат да додаваат сентиментални, претерано неопипливи и нереалистични пазарни вредности. Но, тоа не ја изразува вистинската вредност на нивната компанија. Затоа, издржан и професионален извештај за вредноста на бизнисот е олеснување за менаџментот при донесување на стратешки одлуки во доменот на буџетските трошоци, профитабилност, како и на вкупните кратења на одредени ставки.